Клучна недела за спорот со Грција

Во очекување на новата рунда разговори меѓу посредникот на ОН, Метју Нимиц, и преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, која треба да се одржи на 17 јануари во Њујорк, повторно се актуализираат претпоставките и дилемите можно ли е да дојде до конечен договор и конкретен предлог за надминување на спорот веќе од следната недела.

Во очекување на новата рунда разговори неделава претходеа средби на шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на билатералната средба во Солун. Дипломатите по средбата во Солун изразија оптимизам дека решение е можно. Иако средбата Димитров – Коѕијас беше најавена од двете министерства во исто време, не беа соопштувани локацијата, ниту времето, сѐ до последниот миг. Ваквиот пристап во преговорите наиде на реакции во грчката јавност каде што претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис за време на неговата турнеја во северна Грција порача грчката влада да престане да води тајна дипломатија без притоа да ги извести партиите за средбите со македонската страна.

– Не знаеме што разговараат, не знаеме за што преговараат, не знаеме што имаат дадено, што земале. Не знаеме ништо – рече Мицотакис.

Од друга страна, пак, во грчкиот државен врв постои оптимизам за решение за името. Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за радиото Солун 94.5 изјави дека  постои можност за решение, но грчката страна е јасна и се сведува на ерга омнес, односно промена на уставното име на соседот.

– Нашата позиција е едно име, ерга омнес, што ќе се користи за сите, а нашите соседи ќе го користат во внатрешноста, односно ќе постои и промена на уставното име за да можеме да се најдеме во полето за решение – вели Ѕанакопулос. Во меѓувреме изминатава неделава и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи се сретна со министерот Коѕијас во Атина, а по враќањето изјави дека постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта за решавање на спорот. Османи вели дека и двете страни во процесот нудат предлози, а преговарачот Метју Нимиц е тој што треба да даде заедничко прифатливо решение. Премиерот Зоран Заев во неколку наврати изрази оптимизам дека Македонија би можела да добие покана за членство во НАТО во првата половина од годинава. Оптимизмот го темели на подготвеноста од двете страни без предрасуди да разговараат за сите прашања. Во интервју за грчките медиуми, и премиерот Алексис Ципрас изјави дека е оптимист во однос на решение на спорот за името. Во меѓувреме московскиот весник „Комерсант“ предупредува дека Македонија и Грција се блиску до договор за спорот за името на македонската држава, а конечното решение ќе доведе до сериозни геополитички промени на Балканот. Според тврдењата на весникот, по договорот, Скопје речиси сигурно ќе добие повик за членство во НАТО. Весникот наведува и дека конечниот договор за името може да биде постигнат веќе следната недела во Њујорк.

– Решавањето на спорот меѓу Скопје и Атина, кој трае повеќе од две и пол децении, не само што ќе го сруши клучниот проблем во нивните односи туку и ќе има сериозни геополитички последици по регионот – оценува весникот.

Извор НОВА МАКЕДОНИЈА

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашиот емаил нема да биде објавен јавно.