Ужас како на бојно поле: Зимска олуја со рекордни количини на дожд и одрони ја руинираат Калифорнија, 13 мртви

Најмалку 13 лица загинале во Јужна Калифорнија, која била погодена од зимска олуја, која донела рекордни количини на дожд во таа американска држава, што предизвикало поплави и лизгање на земјиштето.

Како што се наведува, 163 лица биле повредени и префрлени во болница, а четири се во критична состојба.

Се наведува и дека околу 300 луѓе се заробени источно од Санта Барбара.

Полицијата истакнува дека сцените од лизгањето на земјиштето “изгледаат како бојно поле од Првата светска војна”.

Спасувачките служби со хеликоптери ги евакуираат луѓето кои се качиле на крововите.

Се наведува и дека едно 14-годишно девојче било извлечено од урната куќа во Монтесито, каде било заробено со часови.

На жителите на округот Санта Барбара им било наредено да се евакуираат, но тоа го направиле само 15 проценти од нив.

Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе расте.

Куќите во лизгањето на земјиштето биле поместени од темели, додека водата носи кал од брдестите подрачја низ населбите до клучните сообраќајници.

Повеќе куќи се уништени, додека судбината на жителите до кои е тешко да се дојде поради урнатите стебла е неизвесна.

Патиштата се блокирани, поради што хеликоптерите се користени дури и во текот на олујата, а илјадници луѓе останале без електрична енергија.

Спасувачките екипи со хеликоптери извлекуваат луѓе и ги пренесуваат на безбедно место, додека пожарникарите-спасувачи се пробиваат низ калта. На некои места наносите на кал се високи до метар и половина.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат превртени автомобили и кал до половината во дневните соби на загрозените куќи.

Екипите работат на расчистување на кршот од патиштата во пошироката област на Лос Анџелес.

Налозите за евакуација се издадени во понеделникот, бидејќи метеоролозите прогнозирале лизгање на земјиштето на брдата, каде до пред некое време беснееле пожари, уништувајќи ја тамошната вегетација.

Првата значајна олуја оваа сезона во поголемиот дел од Калифорнија донела силни ветрови и олујно невреме, а рекордни врнежи од дожд биле забележани и во заливската област на Сан Франциско.

Метеоролозите издале предупредувања за поплави и прогнозирале дека студениот бран со силни ветрови во Лос Анџелес би можел да донесе поголема количина на дожд отколку во минатите 10 месеци вкупно.

Извор ТОЧКА

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашиот емаил нема да биде објавен јавно.